+389 2 3119 106
contact@sdc.com.mk
  • en_GB
  • mk_MK
  • About us
  • Projects
  • Vacancies
  • Publications
  • Постигнувања
  • Multimedia
    • Актуелно
    • Видео Материјали
    • Галерии
  • en_GB
  • mk_MK
  • Contact
  • About us
  • Projects
  • Vacancies
  • Publications
  • Постигнувања
  • Multimedia
    • Актуелно
    • Видео Материјали
    • Галерии
  • en_GB
  • mk_MK
  • Contact
„Македонки гласаат за народните пратеници во Уставотворното собрание на ДФ Југославија и Македонија во ноември 1945.“ Фотографија од непознат автор. Извор: АФЖ Архив.

Пишува: Кристина Хаџи-Василева

Влијанието на патријахатот ретко се дискутира во општата македонска јавност, при што многумина велат дека тоа не е актуелна тема, сметајќи ја рамноправноста меѓу мажите и жените за решено или „затворено прашање“. Арно ама, статистичките податоци од претходните избори укажуваат на значителна нееднаквост во степенот на учество меѓу жените и мажите, особено во одредени рурални средини, без оглед на етничката и социјална структура на населението.

За ова прашање има уште помалку јавна расправа од сродното прашање за правична родова застапеност на листите на кандидати, што е поврзано со огромната нерамнотежа кај народните избраници. Драстичен пример е што во досегашниот состав на градоначалници, од 80 општини и Градот Скопје, на локалните избори 2022 избрани се 2 градоначалнички или само 2,4%.

Родова перспектива во локалните избори: дали демократијата навистина е еднаква за сите?

Северна Македонија влегува во нов циклус на локални избори – процес што претставува темел на демократското владеење и овозможува граѓаните директно да влијаат врз креирањето на јавните политики што го обликуваат нивното секојдневие. Но, покрај бројач на гласовите, локалните избори се и огледало на тоа колку нашиот систем е отворен и инклузивен за сите општествени групи. Во тој контекст, родовата еднаквост – особено во однос на излезноста и практикувањето на правото на глас – претставува суштински показател за зрелоста на нашата демократија.

Иако правната рамка гарантира еднакво избирачко право за жените и мажите, практиката сè уште покажува значајни разлики. Државната изборна комисија (ДИК) го препозна ова прашање и започна со систематско интегрирање на родовата перспектива уште во стратешкиот план од 2021 година, кога беше изготвен и првиот родов акциски план. Процесот продолжува и со новиот Стратешки план 2025–2028, каде што меѓу клучните цели е јавно објавување и анализа на родово раздвоени податоци за сите сегменти од изборниот процес – гласачи, кандидати, избрани лица и набљудувачи.

Податоците покажуваат: жените гласале помалку, особено во руралните средини

Иако жените сочинуваат 50,4% од вкупното население, а мажите 49,6%, нивната изборна активност не ја следи оваа рамнотежа. На последните парламентарни избори вкупната излезност на национално ниво изгледа речиси еднаква (51% мажи – 49% жени), но деталната анализа по општини открива длабоки нерамнотежи.

Од 80 општини, само во шест (Аеродром, Гевгелија, Карпош, Кисела Вода, Центар и Штип) гласале повеќе жени отколку мажи – и тоа со разлики од 1% до 8%. Родово избалансирана излезност (50%-50%) е забележана во девет општини, од кои повеќето се урбани (Битола, Богданци, Ѓорче Петров, Зрновци, Кавадарци, Кочани, Неготино, Струмица и Тетово).

Во сите останати 65 општини, мажите гласаат повеќе – понекогаш со разлики од 2% до дури 20%.

Особено алармантни се трите општини каде што родовиот јаз во излезноста надминува 15% во корист на мажите: Студеничани и Старо Нагоричане (18%) и Арачиново (20%). Иако станува збор за рурални средини, ваквата состојба не може едноставно да се објасни со географијата – особено кога ќе се споредат со други рурални општини како Зрновци, каде што родовата рамнотежа е значително подобра. Етничката структура, исто така, не е пресуден фактор, бидејќи овие општини се со различен етнички состав.

Разлики од 5% до 15% во корист на мажите се забележани во 33 општини, главно рурални, но и неколку урбани (Дебар, Демир Капија, Кратово). Во 30 општини родовата разлика е под 5%, што најчесто се поврзува со урбани средини.

Овие податоци јасно покажуваат дека жените поретко го користат своето гласачко право во руралните заедници – што често е резултат на патријархални општествени модели, ограничен пристап до информации и недоволна мобилизација на жените во предизборните процеси.

Машки политички клуб: жените сè уште далеку од одлучувањето

Нееднаквоста не завршува на избирачкото место. Таа продолжува и во креирањето на локалните политики. Денес, од 81 градоначалник во државата, само две се жени. А на претстојните избори, од 309 пријавени кандидатури, само 32 се жени – нешто над 10%. Овој податок не само што ја одразува родовата нерамнотежа, туку и сигнализира дека жените и понатаму се маргинализирани кога станува збор за клучните позиции на одлучување.

Искуствата од другите форми на носење одлуки на локално ниво, како што се форумите во заедниците и јавни трибини, покажуваат непропорционално помало учество на жените, особено во руралните средина. Тие се често во корелација со овие податоци за излезност на изборите од 2024 година.

Време е за насочени политики и вистинска родова еднаквост

Овие наоди не треба да останат само статистика. Тие повикуваат на итна потреба од насочени политики и конкретни мерки што ќе го поттикнат еднаквото учество на жените и мажите – и како гласачи, и како кандидати, и како одлучувачи. Прашањето не е дали изборниот процес формално ги вклучува жените, туку дали тој навистина создава услови тие да бидат рамноправни чинителки во него.

Патријахалниот менталитет и непознавањето на демократските процеси на одлучување и нивните последици врз личниот живот се клучна причина за неучество на жените на гласање, па дел од проблемот е што досегашните активности за едукација и мобилизација на гласачи не беа насочени кон жените како посебна општествена група.

Потребно се насочени напори за работа со овие групи жени чии потреби се често занемарени или игнорирани од оние кои имаат моќ да донесат промени.

Локалните избори не се само избор на градоначалници и советници – тие се избор меѓу статус кво и вистинска демократија која ги слуша сите гласови подеднакво. А демократијата што не ја слуша половина од населението – не е целосна.

Ready for a new project?

Let's start a new project together, take the opportunity to work with experts who can really help you realize your idea!
Contact us

All rights reserved © Strategic Development Consulting 2018.