Можностите за енергетски заштеди, како и повеќедимензионалните придобивки за општините се многу големи- се согласија присутните на работилницата што се одржа во Велес. Според консултантите на проектот: “Со пред- физибилити студијата, изработена во рамки на проектот, за улично осветлување за општина Росоман констатирано е дека со замена на постојните со ЛЕД светилки и со поставување на нови разводни табли ќе се постигне заштеда на енергија, но исто така и ќе се подобрат стандардите за осветлување и ќе се прошири покриеност со осветлување. Годишните заштеди на финансиски средства се проценува на најмалку 1.000.000 денари, а повратот на инвестицијата е околу 10 години“.

Со примена на мерки за енергетска ефикасност во објектите кои се во надлежност на локалните самоуправи, уличното осветлување и другите сектори, општините може да направат значителни заштеди на финансиски средства, но и да ги подобрат услугите за своите граѓани. Заради тоа на воведувањето на енергетска ефикасност не треба да се гледа исклучиво како законска обврска, туку како можност за долгорочен економски и одржлив развој.