Општините имаат законска обврска за изработка на тригодишни програми за енергетска ефикасност, како и за изработка на годишни акциски планови за реализирање на програмата. Но, енергетската ефикасност, од друга страна, е една од најбезбедните инвестиции што може да ја направи една општина, ако се има предвид дека финансиските заштеди и повратот на инвестицијата се скоро секогаш гарантирани. Дополнително, преку воведување мерки за енергетска ефикасност, општините можат да ги подобрат и да ги зголемат своите услуги. Заради тоа на воведувањето на енергетска ефикасност не треба да се гледа исклучиво како законска обврска, туку како можност за долгорочен економски и одржлив развој.

Ова беше речено на петтата работилницата за претставување на резултатите од проектот на Светска банка „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со Агенцијата за енергетика на Република Македонија, којашто се одржа во во Куманово.

 “Можностите за енергетски заштеди, како и повеќедимензионалните придобивки за општините се многу големи. Со општините кои учествуваа во проектот се работеше да се идентификуваат можности и да се спроведат мерки за енергетска ефикасност преку изработка на општинските акциони планови и предфизибилити студии за енергетска ефикасност. Следствено, резултатите на проектот ќе служат и како ресурс за другите општини кои сакаат да инвестираат во мерки за енергетска ефикасност во општинските сектори“, истакнаа консултантите ангажирани за реализација на проектот.

На работилницата присуствуваа градоначалници и претставници на општините од Североисточниот регион, претставници на бизнис секторот, претставници на граѓанскиот сектор и граѓани.