Примената на мерки за енергетска ефикасност може да придонесе за значителни заштеди на финансиски средства и намалување на потрошувачката на енергија. Дополнително, преку воведување мерки за енергетска ефикасност, општините можат да ги подобрат и да ги зголемат своите услуги. Заради тоа на воведувањето на енергетска ефикасност не треба да се гледа исклучиво како законска обврска, туку како можност за долгорочен економски и одржлив развој.

Општинските администрации не секогаш располагаат со доволно човечки и временски капацитет за да можат подетално да се посветат на евидентирање на потрошувачката на енергија во сите објекти кои се во надлежност на општините, уличното осветлување и другите сектори- се согласија присутните. Заради тоа, примерите и урнеците од документите изработени во рамки на проектот им се од голема помош и важност, за да можат полесно да предвидуваат мерки и проекти за енергетска ефикасност.

Ова беше речено на шестата од серијата работилници за претставување на резултатите од проектот на Светска банка „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со  Агенцијата за енергетика на Република Македонија, којашто се одржа во Тетово.

Според консултантите на проектот: “Во пред- физибилити студијата, изработена во рамки на проектот, за улично осветлување за општина Брвеница констатирано е дека со реконструкција на постојното улично осветлување, односно со замена на постојните светилки со ЛЕД светилки би се  постигнала заштеда од околу 64% во поглед на енергијата, додека трошоците би се намалиле за 2.763.114 МКД/годишно“.