Со примена на мерки за енергетска ефикасност во објектите кои се во надлежност на локалните самоуправи, уличното осветлување и другите сектори, општините може да направат значителни заштеди на финансиски средства, но и да ги подобрат услугите за своите граѓани. Заради тоа на воведувањето на енергетска ефикасност не треба да се гледа исклучиво како законска обврска, туку како можност за долгорочен економски и одржлив развој.

Ова беше речено на четвртата од серијата работилници за претставување на резултатите од проектот на Светска банка „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со  Агенцијата за енергетика на Република Македонија, којашто се одржа во Битола.

Можностите за енергетски заштеди, како и повеќедимензионалните придобивки за општините се многу големи- се согласија присутните. Според консултантите: “За општина Новаци, која е вклучена во проектот, изработена е пред- физибилити студијата за три пумпни станици за вода. Доколку се воведат мерки за енергетска ефикасност ќе се намалат загубите, ќе се постигнат значителни финансиски и заштеди на електрична енергија, а повратот на инвестициите ќе се исплати за околу четири години“.