Првата од серијата работилници за претставување на резултатите од проектот „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со Светска банка и Агенцијата за енергетика на Република Македонија, беше одржана на 21.01.2016 година во Струмица.

На работилницата присуствуваа претставници од локалните администрации од Југоисточниот регион, менаџери и администратори за ЕЕ, претставници од јавните институции, граѓански организации и граѓани.

Според Беким Имери, претставник од Канцеларијата на Светска банка во Скопје, “Можностите за енергетски заштеди, како и повеќедимензионалните придобивки за општините се многу големи. Со општините кои учествуваа во проектот се работеше да се идентификуваат можности и да се спроведат мерки за енергетска ефикасност преку изработка на општинските акциони планови за енергетска ефикасност. Следствено, резултатите на проектот ќе служат и како ресурс за другите општини кои сакаат да инвестираат во мерки за енергетска ефикасност во општинските сектори“.

Свои презентации во текот на работилницата имаа претставници од Еконолер, кои се воедно консултанти на проектот, претставници од Агенцијата за енергетика на Република Македонија, како и претставници од НАЛАС- мрежата на асоцијации на локалните власти од Југоисточна Европа, кои ја претставија алатката TRACE која ќе им помогне на општините да ги одредат приоритетите при правењето на своите програми за ЕЕ.

Во изминатите 18 месеци, преку грант финансиран од Светска банка, 8 општини во Република Македонија (Радовиш, Старо Нагоричане, Новаци, Кавадарци, Пехчево, Брвеница, Лозово и Росоман) добија техничка поддршка за изработка на различни документи кои се важни за енергетска ефикасност на општината (програми, акциски планови, пред-физибилити студии итн.). Искуствата од тој процес, како и предизвиците со кои се соочиле ќе имаат можност да ги споделат на 8 вакви работилници, кои ќе се одржат во секој од планските региони.