Примената на енергетска ефикасност на објектите во надлежност на локалните самоуправи директно придонесува кон намалување на нивните трошоци, обезбедува одржлив развој и го намалува негативното влијание врз животната средина. Преку своите примери, тие можат да бидат предводници во подобрувањето на енергетската ефикасност, давајќи им поттик и мотивирајќи ги приватниот сектор и другите засегнати страни да го следат примерот.

Ова беа главните заклучоци од дискусијата за енергетската ефикасност во општините од источниот регион што се водеше во рамки на работилницата за претставување на резултатите од проектот „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“, организирана од страна на Консалтинг за стратешки развој во соработка со Светска банка и Агенцијата за енергетика на Република Македонија, којашто на 26.01.2016 година се одржа во Штип.

Според Билјана Черепналковска, од компанијата Еконолер коишто се консултанти на проектот, јавните објекти се едни од поголемите потрошувачи на електрична енергија, но исто така нивниот потенцијал за заштеда е најголем. Таа додаде дека според статистиката, енергетски ефикасните објекти трошат третина помалку енергија. “Со овој проект, енергетската ефикасност се поставува на едно повисоко ниво, каде што секоја општина ќе има точни податоци и точни резултати за тоа колку енергија троши, дали за јавни објекти, дали за улично осветлување, или за кој било од другите сектори“ - рече Черепналковска.

Ова беше втора, од вкупно осум работилници што ќе се одржат до крајот на февруари 2016 година, во секој од планските региони.